Промени во ТФТ: Екс играч на Пелистер ново засилување, но и едно заминување

Зимата донесе и промени во ростерот на ТФТ кој од денеска е засилен со Давид Хогтон, поранешниот кошаркар на Пелистер кој доаѓа како големо засилување на високата позиција која беше најголем проблем на „црно-белите“ уште од стартот на сезоната по неадекватниот ангажман на Крис Тавиа.

Искусниот трисетиедногодишен Американец имаше одличен настап за вицешампионот претходната сезона во која бележеше просек од 7.7 поени и 4.3 скока на домашната сцена, односно 8.3 поени и 4.5 скока во АБА2 лигата и се очекува да биде клучно засилување за скопскиот тим на кој му претстои настап на регионалната сцена.

А, тренерот Боро Смилковски повеќе нема да може да смета на услугите на Борјан Стојановски кој „црно-белиот“ дрес го замени со „црвено-белиот“ на Кожув. Порашениот кошаркар на МЗТ Скопје 2 и Феникс 2010 не успеа да се наметне во тимот покрај силната бековска линија па шансата ќе ја бара на југот на Македонија каде се очекува да биде голема помош за гевгеличани во обидот да се избегне преселба во Втората лига.

Се вчитува...