Промовиран документарецот „70 години – ФК Вардар“: Никој од управата на клубот на промоцијата!

Во просториите на МОК денеска беше промовиран документарниот филм за најтрофејниот македонски клуб ФК Вардар по повод 70-годишниот јубилеј од неговото формирање, изработен и реализиран од страна на српската продукција „ПГМнетворк“ од Белград.

Во отсуство на било каква иницијатива за одбележување на јубилејот од страна на актуелното раководство на Вардар, кое ниту со најмала своја „акција“ не ја одбележа јубилејната година, српската продукција понуди одличен документарец за историјата на „црвено-црните“. Но, и покрај тоа што претходно не се ни потрудија да создадат нешто за јубилејот, разочарувачки за сите присутни денеска во МОК остана и фактот дека никој од актуелното раководство на Вардар, и покрај поканата, не беше присутен на промоцијата. Ниту спортскиот директор Дарко Панчев, ниту претседателот Мирко Спасески, ниту извршниот директор Самоил Симев или сопственикот на клубот Сергеј Самсоненко не се одважија на поканата да бидат дел од промоцијата на документарецот за својот клуб.

Присутни на промоцијата на филмот беа претседателот на МОК, Васил Тупуровски, но и Ѓоре Јовановски, Вујадин Станојковиќ, Ванчо Балевски, Ѓоко Хаџиевски, Драган Томовски, Драган Мутибариќ, еден од најдобрите вардарови навивачи Драган Димовски, како и доаените на македонското новинарство кои говорат во документарецот Атанас Костовски и Ивко Панговски…. И толку. Од актуелните „вардарци“ – никој!

„Навистина сме изненадени што од ФК Вардар го игнорираат и овој одличен документарец. Срамен чин да не се присуствува на еден ваков настан“ – истакна Костовски на промоцијата.

А, наратор во документарецот е токму најдобриот македонски фудбалер на сите времиња Дарко Панчев, пропратен со автентични архивски материјали, фотографии и интервјуа со легендите на Вардар, Мирко Илиевски, Мето Спасевски, Кочо Димитровски, Кирил Дојчиновски…

Како што истакнаа од „ПГМнетворк“ овој филм не се обраќа само на навивачите на Вардар, туку и на сите љубители на фудбалот во регионот, затоа што приказната за фудбалот секогаш е поголема и од онаа на животот.

„Беше вистинско уживање да се работи оваа приказна. Со оглед на тоа дека сме продукција од Белград, додека го снимавме филмот чувствувавме голема одговорност кон темата која ја предложи нашиот драг колега од Скопје, Живко Здравковски. Иако не сме локалци приказната ни беше блиска поради некогашната заедничка лига, поради играчите од Вардар кои ги гледавме во бројни белградски клубови“ – истакна на промоцијата на филмот директорот на „ПГМнетворк“, Радован Максимовиќ, кој заедно со новинарката Катарина Синѓелиќ го „потпишуваат“ овој филм.

Metodije Spasovski

Документарецот „70 години – ФК Вардар“ официјално пред ТВ гледачите ќе биде претставен на Арена спорт која ги откупи правата. Филмот ќе биде промовиран за време на новогодишната програма на ТВ Арена.

Како што беше истакнато на промоцијата, документарецот беше помогнат и од неколку медиумски редакции и новинари од Македонија, меѓу кои со своја помош за снимањето на истиот учествуваше и ЕКИПА.МК.

ФК Вардар годинава слави 70 години од своето постоење, но ниту на еден начин од актуелното раководство на клубот не се потрудија ниту најминимално да стават значење на овој црвено-црн роденден, и тоа во годината кога клубот за првпат во историјата обезбеди и учество во Лигата на Европа. Единствено „Комитите“ се потрудија на првенствениот дуел со Пелистер да го одбележат сопствениот јубилеј „30-години од своето формирање“.

Се вчитува...