Промовиран документарниот филм „Леле, луѓе, што направивме, радувај се Македонијо“!

По повод десетгодишнината од огромниот успех на македонската кошаркарската репрезентација, која беше четврта на Европското првенство, денеска беше одржана прес-конференција за промоција на документарниот филм „Леле луѓе што направивме, радувај се Македонијо“. Насловот е инспириран од легендарната изјава на Владо Илиевски по победата над Литванија во четвртфиналето.

На промоцијата на филмот учествуваа и тогашниот селектор Марин Докузовски, тогашниот претседател на МКФ, Даниел Димевски и еден од најзначајните играчи во ростерот Тодор Гечевски, живата легенда на македонската кошарка.

„Благодарност до сите за идејата и реализацијата. Во Литванија почна нова ера, тој успех ни даде самодоверба. Да се почувствуваме дека сме достојни за врвни резултати. Спортска Македонија после тоа е посамоуверена“, рече Даниел Димевски, сегашен претседател на Олимпискиот комитет.

Слично размислуваше и творецот на најголемиот успех Марин Докузовски кој и десет години подоцна е најуспешен македонски селектор.

„Како да се подзаборави резултатот од Литванија, среќен сум што ќе се потсетиме на овие убави моменти. Овој филм ќе не потсети на сè што се случуваше тогаш. Ќе остане запишано како најголем успех на македонскиот спорт“, изјави Докузовски.

Тодор Гечевски беше еден од лидерите на славната генерација, а во моментов ја извршува функцијата спортски директор на КФСМ.

„Во нашите сеќавања, ЕП 2011 ќе остане до крајот на животот, младите ќе може да видат дека и ние можеме да бидеме со врвни резултати“, рече Гечевски.

Се вчитува...