Пропадна уште едно засилување – Едвардсон наместо во Вардар, замина во Хамбург

Иако беше најавен како потенцијална замена за Арпад Штербик на голот на Вардар, исландскиот репрезентативен голман Арон Рафн Едвардсон, сепак, избра друга дестинација. Според најавите во германските медиуми, Едвардсон од следната сезона ќе го носи дресот на поранешниот европски шампион, ХСВ Хамбург, кој сега настапува во втората германска лига.

Весникот „Билд Хамбург цајтунг“ објави фотографија на Едвардсон со извршниот директор на Хамбург, Себастијан Фреке, и најави дека трансферот е веќе договорен.

Едвардсон е слободен играч по истекот на договорот со исландскиот ИБВ Вестманејар. Исландските медиуми неодамна го поврзуваа со трансфер во Вардар, но сето тоа на крај остана без конкретна реализација.

Од Вардар на крајот на сезоната си заминаа тренерот Раул Гонзалес и неговиот помошник Давид Дејвис и неколку ракометари од шампионскиот состав – Арпад Штербик, Илија Абутовиќ, Хорхе Македа, Жоан Канељас и Лука Циндриќ.

Од новите имиња за следната сезона засега е извесно само доаѓањето на српскиот голман Дејан Милосављев и враќањето на рускиот бек Сергеј Горбок.

Се вчитува...