Македонската кошаркарска репрезентација претквалификациите за Евробаскетот 2025 ги отвори со победи над Данска на гостински и Словачка на домашен терен, а во вториот прозорец кој ќе се одржи од 10. до 13. ноевмрви за противниците ќе ги имаме Норвешка и Данска.
Натпреварите ги играме на домашен терен во салата „26ти Април“ во Гевгелија од 19 часот, а за средбите против скандинавските репрезентации селекторот Александар Јончевски ќе може да смета на услугите на новиот натурализиран кошаркар Ти-Џеј Шортс.
Станува збор за 25-годишен Американец кој ја покрива плејмејкерската позиција и настапува за германскиот бундеслигаш Телеком Бон. На четири одиграни меча оваа сезона бележи просек од 17.0 поени и 7.0 асистенции и ќе биде замена за Ненад Димитријевиќ кој поради клупските обврски нема да може да настапува во „црвено-жолтиот“ дрес.
Покрај кошаркарот на Уникс Казањ, Јончевски нема да може да смета ни на Андреј Јакимовски со што Македонија ќе биде сериозно ослабена без едни од лидерите на првите две средби. Димитријевиќ во просек постигнуваше 24.5 поени и 5.5 асистенции, а Јакимовски 9.0 поени и 3.5 скока.
Во составот се враќаат Бобан Стајиќ и Андреј Магдевски кои поради повреди не можеа да настапат против Данска и Словачка.
Список на повикани играчи:
Бобан Стајиќ (Пелистер)
Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром)
Војдан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)
Адем Мекиќ (МЗТ Скопје Аеродром)
Дамјан Робев (МЗТ Скопје Аеродром)
Бојан Крстевски (МЗТ Скопје Аеродром)
Виктор Ефремовски (Гостивар)
Андреј Маслинко (Гостивар)
Страхил Николов (ТФТ)
Амар Хот (Феникс 2010)
Кристијан Николов (Коњаспор-Турција)
Стојан Ѓуроски (Оуренсе – Шпанија)
Теодор Симиќ (Борац Бања Лука-БиХ)
Ти-Џеј Шортс (Телеком Бон-Германија)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА