Прв триумф за вардарци, се вратија „дома“ и го совладаа Работнички

Вардар ја оствари првата победа во новата сезона, совладувајќи го градскиот ривал Работнички со 2-0 во премиерниот меч од третото коло во Првата лига. По еден пораз и едно реми, „црвено-црните“ при враќањето на арената „Тодор Проески“ како домаќини беа подобри од Работнички. Стрелец на водечкиот гол беше младиот напаѓач Бојан Колевски во 56.минута. Тој се најде на вистинското место во шеснаесетникот по одбиената топка од голманот Шишковски, кој во првиот обид одбрани удар на Брдаровски. Но, Колевски ја смести топката на посакуваното место. Вториот гол беше дело на Даниел Аврамовски во 90.минута од мечот.

Првото полувреме не беше многу содржајно според прикажаниот фудбалски квалитет. Херера се обиде со удари од далечина да го изненади Гачевски, а Мицевски беше во слична улога на спротивната страна. На полувреме се замина без голови.

Во вториот дел, Вардар ги искористи создадените шанси. Резултатот го отвори Бојан Колевски во 56.минута, а само три минути претходно го погоди дирекот од голот на Работнички. Во продолжението од дуелот убави можности пропуштија Цветаноски и Аврамовски, а во 90.минута „десетката“ на Вардар погоди за потврда на првиот триумф во новата сезона.

По три кола, Вардар има четири бода, Работнички е позициониран со еден бод помалку.

Се вчитува...