Прв женски ракометен форум, легендите во еден глас: Тука сме за доброто на нашиот спорт

Салата „Билјанини извори“ е центар на женскиот регионален ракомет во изминатите денови, со одржувањето на „Трофеј Македонија“, но пред се – со Женскиот ракометен форум што денеска се одржува со врвни имиња од регионот кои говореа за своите искуства во овој спорт во богатите кариери што ги имаат зад себе.

Андреа Лекиќ која има богато искуство од самиот врв на светскиот ракомет е една од петте пеналистки на Првиот Женски ракометен форум. Србинката за нас е најпозната од времето минато во ЖРК Вардар, станува збор за екс-ракометарка од највисока класа која во 2013 година беше избрана за најдобра ракоемтарка во светот. Кариерата ја заврши во 2025 година, по речиси две децении на највисоко ниво и со повеќе од 1.000 голови во Лигата на шампионите.

Но, нејзината приказна во ракометот не заврши со последниот натпревар. Денес Лекиќ е генерален менаџер на сите женски национални селекции на Србија, со директна улога во развојот на женскиот репрезентативен ракомет.

„Сите знаеме колку е важен женскито ракомет, чест ми е што сум овде за да дадеме свој придонес за да го одржиме женскиот ракомет „жив“ и овој спорт уште повеќе да се развива… Генерално гледано, сметам дека секој спорт го носат две работи, љубов и дисциплина. Најголем удар ми беше повредата на тетивата, по која не можев ни да замислам дека пак ќе можам да трчам… Нашиот спорт е полн со успони и падови, јас на сите им велам дружете се со квалитетни луѓе кои се поддршка за вас. Mотивацијата е нешто што варира низ годините, дисциплината е она што може да ве држи на високо ниво подолго време “, истакна Лекиќ.

Драгана Цвијиќ исто така е поранешна ракометарка на ЖРК Вардар, Србинката е двократна освојувачка на Лигата на шампионите со Будуќност, во 2012 и 2015 година, и светска вицешампионка со Србија во 2013 година, Цвијиќ речиси две децении беше дел од самиот врв на европскиот женски ракомет. На Светското првенство во 2013 година беше избрана и за најдобар пикер на турнирот.

„Јас секогаш бев отворена и говорев гласно за своите соништа. Се сеќавам дека како кадетска репрезентативка добив ливче од докторот да напишам што сонувам за својата иднина. Напишав дека сонувам да играм за сениорската репрезентација на Србија и да играм во Лигата на Шампионите. Го заборавив тоа, но пред извесен период го сретнав пак докторот, кој ми го покажа ливчето и беше навистина емотивно“, се присети Цвијиќ, која и по крајот на играчката кариера остана со женскиот ракомет, па така сега е помошен тренер на женската сениорска репрезентација на Србија, каде своето огромно искуство од теренот го пренесува на новите генерации.

„Немојте да ги бркате парите, бидете фокусирани на вашата игра, да бидете најдобри што можете, да играте финалиња, да освојувате трофеи. Парите ќе дојдат ако бидете успешни, ниту една од нас овде не почнала со размислување колку ќе заработи, туку да бидеме најдобри што можеме. Повик и до родителите, да ги воспитуваат децата на вистински начин, со вистински пристап кон работата и соништата“, додаде Цвијиќ.

Сузана Лазовиќ беше делл од златната генерација на Црна Гора која стигна до прво место на ЕП, потоа и до сребро на ОИ во Лондон. Во играчката кариера има и две титули во ЛШ, а по збогувањето со активното играње почна и успешна тренерска кариера, па моментно е селекторка на сениорската репрезентација на Црна Гора.

„Треба да се работи на вистински начин, да се направат одредени жртви за да одиш напред. Можеби со Андреа бевме тука со приближен талент и амбиции, но разликата беше во таа посветеност и одредени одлуки што јас ги донесов поразлично. Мило ми е што сега работам како тренер, па им помагам на децата уште на почетоците на кариерата да се движат во вистински правец, да создаваат здрави навики“, рече Лазовиќ за време на форумот.

Поранешната хрватска репрезентативка, Лидија Хорват, зад себе има долга и богата меѓународна кариера, настапувајќи за клубови како Локомотива Загреб, Подравка, Будуќност и Мец. Со Подравка освои повеќе шампионски и куп-титули во Хрватска, а со репрезентацијата настапуваше на бројни европски и светски првенства. По играчката кариера Хорват остана во ракометот. Денес е технички менаџер на женската сениорска репрезентација на Хрватска, функција што ја презеде во 2024 година.

„ Спортот и женскиот ракомет се работи кои бараат жртва, но верувајте, ова е нешто прекрасно, сите овие работи, сите познанства… да можам да изберам, јас пак би го избрала истото за себе и својот живот. Прва љубов не ми беше ракометот, туку тенисот, но бидејќи тренирав  во близина на салата ме гледаа ракометни тренери, од девет години се преселив на ракомет и останав дел од оваа приказна“, истакна Хорват.

Се вчитува...