ПРВА ЛИГА, 13. КОЛО: „Гипсари“ на патот на шампионот, Шкендија за приклучок кон врвот

Денеска се играат натпреварите од 13. коло во Првата лига на Македонија. Неколку интересни натпревари се на програмата, а сите мечеви ќе се играат во ист термин. После ова коло следува пауза поради репрезентативните обврски, а дел од екипите ќе одиграат и пријателски натпревари.

Ренова и Шкендија се чини ќе го одиграат најинтересниот меч во ова коло. Тетовско дерби, кое што не е за првото место, но овој меч е една од последните шанси за шампионот Шкендија да фати приклучок кон врвот на табелата. А, Ренова е веќе таму, на втората позиција, но заостанува многу зад водечкиот Шкупи.

Од Шкендија сезонава несомнено се очекуваше многу повеќе. Петтото место во моментов е прескромно за тетовските „црвено-црните“ кои во последните години владеат со Првата лига. Меѓутоа оваа година тренерски смени, играчки рокади и затоа е оваа позиција на табелата. Ренова, пак, игра во стандарден состав, добро се воиграни, и може да и создадат проблеми за Ренова.

„Мора да останеме фокусирани на мечот и да го дадеме максимумот за да успееме да извлечеме позитивен резултат. Против нас имаме квалитетен ривал како Шкендија. Но, имаме мотивација и сила да го добиеме натпреварот“, рече Шефи Шефити, играчот на „гипсарите“.

Шкендија едноставно мора да победи, ако сака да остане во игра за одбрана на шампионската титула. Веќе многу бодови пропуштија тетовските „црвено-црните“, сега Шкупи има голема предност, и тетовци немаат право на грешка.

„Против Ренова и дефинитивно ќе одиме на победа, ако се има во предвид дека испуштивме многу бодови. Само долга серија на победи ќе не вратат во игра за врвот на табелата. Ренова игра добро оваа сезона. Не смее да не залаже победата од 5:0 во Купот затоа што секој натпревар е посебен. Оваа победа ќе биде многу важна, затоа што после следува паузата за остранување на некои недостатоци“, вели Флорент Рамадани, играчот на Шкендија.

Двата тима имаат по една победа сезонава. Ренова ја совлада Шкендија во првенството, а Шкендија, пак, го совлада тимот на „гипсарите“ со 5:0 во Купот на Македонија.

Од другите мечеви, Шкупи има незгодно гостување кај „ранетата“ Македонија ЃП. На „лавовите“ им требаат бодови за да избегаат од долниот дел на табелата, а чаирчани, пак, сакаат да ја задржат предноста од ривалите на првото место.

Работнички на домашен терен го пречекува тимот на Академија Пандев. Брегалница на домашен терен го пречекува секогаш незгодниот тим на Скопје, а во Кавадарци ќе гостува Борец.

Се вчитува...