ПРВА ЛИГА, 14. КОЛО: Шкендија или Брегалница, кој ќе го продолжи патот кон врвот?

Денеска со почеток во 13 часот, се играат петте преостанати натпревари во Првата македонска фудбалска лига. Интересни дуели ќе се играат ширум стадионите во Македонија, а најинтересно, се чини, ќе биде во Тетово каде што Шкендија и Брегалница влегуваат не само во директна пресметка за третото место кое во моментов го држи Ренова, туку и фаќање на приклучок кон врвот на табелата, односно останување во игра за есенската титула.

Шкендија и Брегалница ги очекува уште една интересна пресметка, ако се има во предвид дека во Штип имаше „голеада“ од шест гола која на крајот заврши нерешено. Двата тима играат отворен фудбал. Во блага предност можеби е домашниот тим, пред се поради тоа што игра пред своја публика. Но, Шкендија сезонава покажа дека нема шампионски сјај, и тимот на Акраповиќ ќе мора да има една долга победничка серија, ако сака да се приклучи во битката за титулата со Шкендија, која во моментов има осум бода предност.

„Шкендија секој меч оди на победа, така ќе биде и против Брегалница. Атмосферата во тимот е одлична, целиот тим е подготвен и мотивиран за победа. Добро го познаваме противникот. Против Брегалница во Штип немавме среќа каде во последните моменти противникот го израмни резултатот. Но, одиме на победа, и верувам дека бодовите ќе останат во Тетово“, вели Ангелче Тимовски, играчот на Шкендија.

Брегалница, пак, со само еден пораз на последните четири меча, го очекува ова гостување. Тимот од Штип загуби само на „Чаир“ каде што беше поразен со убедливи 5:0, но потоа покажаа дека ја научија лекцијата, па вратија со победа над Скопје од 2:1. Дека од Тетово може да се освојуваат бод(ови), покажа и дуелот Шкендија – Тиквеш пред две кола, кога тимот од Кавадарци успеа да се врати непоразен од ова гостување.

„Сигурно дека сме и подготвени и мотивирани за пресметката со тим како Шкендија. Мислам дека повторно ќе се надигруваме на терен со тетовци, како што беше тоа во првиот меѓусебен дуел оваа сезона кога ремизиравме, 3-3. Знам дека не очекува квалитетен противник, актуелен шампион на Македонија кој е фаворит пред натпреварот посебно и затоа што игра на домашен терен. Но, секако ние сме свесни и за нашите можности па желбата е секако од Тетово да се вратиме со позитивен резултат“ – рече голманот на штипскиот тим, Давид Денковски.

Доста интересно ќе биде во Струга, каде што домашниот тим го чека Работнички. Гостите со нов тренер во името на Борче Христов, ќе имаат мотиви за докажување. Двата тима ќе се борат да се „одлепат“ од онаа црвена зона, и да фатат приклучок кон средината на табелата.

Во Велес исто така се очекува интересен меч. Борец ја пречекува Ренова. Велешани повеќе немаат право на „кикс“, а секој нивен натпревар е клучен во битката за опстанок. Јане Николоски и натаму ја чека првата победа на кормилото на Борец, но пред себе и овојпат ќе има тежок предизвик во тимот на Ренова, кој се покажува како тврд орев сезонава, и заслужено е во топ 3 екипите во шампионатот.

Тиквеш по „ремито“ против Шкендија минатото коло, покажа дека може да прави проблеми на фаворитите. Четата на Влатко Костов сега има гостување во Струмица кај Академија Пандев, во обидот да „скине“ некој бод важен за опстанокот.

Шкупи на својот „Чаир“ пред своите навивачи го очекува тимот на Пелистер. Битолчани се единствениот тим без победа сезонава, а веројатно за истата ќе треба да почекаат со оглед дека Шкупи е неприкосновен на свој терен сезонава.

Вчера во Автокоманда триумф на гостите. Македонија ЃП со двата прекрасни гола на Сефер Емини ги освои бодовите против Скопје.

Се вчитува...