ПРВА ЛИГА, 15. КОЛО: Битка за второто место во Тетово

Денеска со натпреварот во Тетово почнува 15. коло во ПМФЛ. Интересна битка е во прашање, Ренова игра против Академија Пандев во директна битка за второто место на табелата, односно ќе биде познато дали „гипсарите“ ќе останат во игра за таа втора позиција, или, пак, Академија Пандев ќе успее да избега и да направи добра разлика, а воедно и да продолжи да го „брка“ Шкупи, кој засега има солидна предност пред конкурентите.

Ренова на свој терен има само еден пораз, а противниците ретко кога се наигрувале кога гостувале кај „гипсарите“. Од друга страна, пак, Академија Пандев е најдобрата гостинска екипа, со три победи, три ремија и само еден пораз, односно со освоени 12 бода од гостински терен, повеќе и од лидерот Шкупи.

И двата тима во пресметката влегуваат во добра форма. Во минатото коло Ренова го совлада Борец со 1:4 на гости, а, пак, Академија Пандев го совлада Тиквеш на свој терен.

Воедно, ова е и дуел на двајцата најдобри стрелци во Лигата во моментов Мартин Мирчевски и Ремзифаик Селмани.

Утре се играат останатите натпревари во кои се очекува најинтересно да биде во Ѓорче Петров, каде Македонија го чека тимот на Шкенидја. Исто така интересно ќе биде и на Чаир каде што на Шкупи и гостува Струга. Брегалница игра со Борец во Штип, додека Тиквеш во Кавадарци го пречекува Работнички. Во Битола Пелистер шансата за првата победа ќе ја бара против тимот на Скопје.


 

Се вчитува...