Прва лига: Битка за 3. место во „Јане Сандански“, важен натпревар за опстанок во Струмица

Прволигашката кошарка во Македонија продолжува денеска со четири натпревари кои ќе бидат одиграни во Струмица, Скопје и Куманово. Најинтересниот од нив ќе биде од 20 часот во СЦ „Јане Сандански“ каде Феникс 2010 го пречекува ТФТ во натпреварот на 19. коло кој воедно е и многу значаен во битката за третата позиција на таблеата.

Првиот меѓусебен натпревар оваа сезона донесе гостинска победа на Феникс 2010 во „Кале“, но од тој натпревар двата тима претрпеа голем број на промени во ростерот. Сега тимовите изгледаат поинаку, но тоа нема да ја одземе неизвесноста и очекувањата за тежок натпревар кој го најавуваат и од таборите на двата тима.

Претходно од 17 часот и 30 минути во Струмица дебитнантот на првенството и Академија ФМП ќе водат натпревар од големо значење во битката за опстнок, а Првата лига ќе продолжи и од 20 часот и 30 минути во „Перо Наков“ каде ќе се сретнат Куманово и Работнички. Богатиот ден ќе завршува од 21 часот во „Шабан Трстена“ со натпреварот помеѓу Чаир 2030 и Гостивар.

Првата лига продолжува утре од 19 часот во Гевгелија каде ќе се сретнат Кожув и Пелистер, а 19. коло ќе биде комплетирано во „Јасмин“ со мечот помеѓу Еуро Никел и МЗТ Скопје.

Се вчитува...