ПРВА ЛИГА: Брера против Силекс сака враќање на победите, битка на дното меѓу Вардар и Гостивар

После одличниот старт на сезоната, АП Брера влезе во мала криза. Три меча струмичкиот тим нема победа во Првата лига, откако загуби од Брегалница, потоа одигра без голови против Работнички, а минатото коло екипата на Валенти беше поразена на Чаир од Шкупи. Шанса за враќање на победничките патеки ќе ја бара против тимот на Силекс, кој пет кола не знае за пораз во првенството, со две нерешени и две победи. Особено кратовци се осоколени по триумфот над Шкендија минатото коло, но и покрај таа победа, не успеаја да го симнат тетовскиот тим од лидерското место.

„Мора да се вратиме на победите. Ја повикувам публиката да биде присутна и заедно да славиме нова победа. Можеби сум субјективен но играме најдобар фудбал во Македонија“, рече Марио Врдољак, капитенот на тимот на АП Брера. 

Од другата страна на табелата, во долниот дел вистинско дерби меѓу претпоследниот и последниот, за бегство во „помирни води“. Тимот на Вардар го очекува Гостивар. Двата тима се нови прволигаши, а многу се очекуваше од Гостивар кој донесе преку 20 нови имиња, но засега резултатите изостануваат. Од друга страна Вардар се соочува со познатите проблеми, и за нив оваа сезона главна цел ќе биде опстанокот.

„Во името на сите фудбалери ветуваме дека ќе го оставиме срцето на терен. Се бориме максимално. Ги повикувам навивачите да дојдат и не бодрат како што го правеа досега и заедно да славиме победа“, рече Филип Гачевски, голманот на „црвено-црните“. 

Лидерот Шкендија после поразот во Кратово минатото коло, сега ќе се „вади“ против Македонија ЃП која сезонава игра променливо. Тетовци очекуваат враќање на победите и останување на лидерската позиција на табелата.

Уште еден претендент за титулата Шкупи има тешко гостување во Охрид кај Воска Спорт. Воска досега има две победи, и оваа сезона ќе се бори грчевито за опстанокот, и може да се очекува тврд и неизвесен натпревар.

Тиквеш во Кавадарци го пречекува составот на Брегалница. Кавадарчани одлично тргнаа, па потоа четири меча беа без победа, за во минатото коло да го совладаа составот на Вардар на свој терен и така во добра атмосфера да го дочекаат штипскиот тим, кој, пак, е во серија од два порази од Воска Спорт и од Струга ТЛ.

ПМФЛ, 8. КОЛО (ДЕНЕСКА 15:00 ЧАСОТ)

Струмица: АП БРЕРА – СИЛЕКС

Тетово: ШКЕНДИЈА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Струга: СТРУГА ТЛ – РАБОТНИЧКИ

Кавадарци: ТИКВЕШ – БРЕГАЛНИЦА

Скопје: ВАРДАР – ГОСТИВАР

Охрид: ВОСКА СПОРТ – ШКУПИ

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...