Натпреварот меѓу фудбалските репрезентации на Португалија и ДР Конго, закажан за оваа среда во Хјустон, се наоѓа под сериозен знак прашалник поради најавата за силно невреме кое се заканува да го погоди градот.
Наместо спортска еуфорија, во Тексас расте напнатоста по предупредувањето од Националниот центар за урагани на САД за доаѓањето на првата тропска бура оваа сезона, која со себе носи опасни ненадејни поплави и обилни дождови.
Метеоролозите соопштуваат дека покрај брегот на Тексас веќе се формирал потенцијалниот Тропски циклон Еден, кој во моментов се наоѓа на околу 105 километри југозападно од Корпус Кристи. Системот развива ветрови со брзина до 45 километри на час, а американските медиуми пренесуваат дека доколку тој дополнително зајакне, ќе стане првата именувана бура во атлантската сезона за 2026 година и ќе го добие името Артур.
Организаторите будно ја следат состојбата на теренот, нагласувајќи дека безбедноста на актерите и навивачите е на прво место пред да се донесе конечна одлука за евентуално одложување на фудбалскиот спектакл.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
