Првиот самостоен тренерски ангажман на Пол Сколс траеше само 31 ден

Пол Сколс минатиот месец го оствари својот сон добивајќи го првиот самостоен тренерски ангажман и тоа на клупата на клубот чиј навивач е речиси од раѓање.

Легендарниот член на „фергиевите бебиња“ го презеде кормилото на Олдам откако доби дозвола од Фудбалската лига на Англија. Тогаш проблем за Сколс претставуваше фактот дека е косопственик на нисколигашот Салфорд заедно со пет поранешни соиграчи од Манчестер јунајтед, а ЕФЛ не дозволува една личност да има позиции во два клуба истовремено без претходна консултација со ова тело.

Но, ЕФЛ дозволи Сколс да може да биде менаџер на Олдам клубот кој се обидуваше да го ангажира уште од ноември минатата година. Сепак, бајката на Сколс траеше само 31 ден.

Легендарниот фудбалер на „црвените ѓаволи“ денеска поднесе оставка затоа што, како што информираше, „не можел да работи онака како што му било претставено пред преземањето на екипата“.

Сколс екипата на Олдам ја водеше на седум дуели од Лига 2, притоа запишувајќи само една победа.

Се вчитува...