Прво реми за Вардар во СЕХА, Мешков Брест го сопре лидерот

Европскиот првак Вардар остана непоразен во Белорусија (25-25), но Мешков Брест го извлече првото реми против „црвено-црните“ во СЕХА – лигата по 12 одиграни кола. Иако некомплетни, без Борозан, Чупиќ и Недановски, ракометарите на Вардар одиграа квалитетен меч, се извлекоа од пораз, можеа и до победа, но на крајот мораа да се задоволат со првото реми.

Белорускиот тим подобро го започна натпреварот и поведе со 5-2, но Вардар успеа да се опорави и да израмни на 8-8 со голот на Тимур Дибиров во 19.минута. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол, па на одмор се замина со нерешен резултат (12-12).

Неизвесноста на овој натпревар продолжи и во второто полувреме. Мешков Брест постојано имаше предност од еден погодок, но вардарци израмнуваа веќе во следниот напад. Во 40.минута, домашниот состав поведе со 18-16, но одговорот следеше од Дибиров и од Криштопанс за 18-18. Во последните десет минути се влезе со минимална предност на Мешков Брест (22-21), во 54.минута домашниот состав повторно стигна до два гола позитива, со головите на Продановиќ и на Астрашапкин.

Дибиров погоди на празен гол по грешката на домашните ракометари (24-23), а потоа Пешиќ одбрани нов негов удар од крилната позиција, по што дојде и до мала физичка пресметка меѓу Дибиров и Продановиќ. Судиите ги исклучија и двајцата, а Штербик го скроти нападот на Мешков Брест, а Циндриќ израмни на 24-24. Потоа уште една украдена топка на вардарци, и нова реализација на Циндриќ за водство на Вардар. Разгор израмни, а Вардар го имаше последниот напад. Криштопанс шутираше во последната секунда, но Пешиќ го одбрани неговиот удар, за конечно реми (25-25).

Тимур Дибиров беше најефикасен во составот на Вардар со осум гола, додека голманот Иван Пешиќ со 14 одбрани беше најдобар играч кај домаќинот Мешков Брест.

Се вчитува...