ПСЖ бара екстра-голман: Куртоа, Облак или Донарума

ПСЖ ја осигура титулата во Франција, претходно и испадна од Лигата на шампионите, па раководството на клубот веќе почна да крои планови за наредната сезона. Ангажманот на Томас Тухел за нов тренер е пред официјализација, а „светците“ веќе ја почнаа и потрагата по засилувања, посочувајќи ја голманската позиција како свој приоритет за почетокот на летово.

Имено, газдите на клубот по потрошеното богатство на напаѓачи минатото лето овојпат ќе се насочат на примање на што помалку погодоци, за што неопходен ќе им биде врвен чувар на мрежата. Како што јавува весникот „Л’Екип“, директорот Антеро Енрике имал две средби со агентот на Тибо Куртоа, но кај ПСЖ нема оптимизам дека овој трансфер би можел да се реализира, пред се поради желбата на Белгиецот ако се случи да си замине од Челси, тоа да биде во Реал Мадрид (неговото семејство остана да живее во Мадрид и по заминувањето на Куртоа од Атлетико).

Супер-агентот Мино Раиола веќе во неколку наврати го понудил Џанлуиџи Донарума, за кого се очекува летово да си замине од редовите на Милан. Тој ќе биде достапен за сума од 50 милиони евра што наполно им одговара на „светците“, но постои сомнеж дали Донарума ќе може да созрее во голман од светска класа каков што реално не е во моментов, а каков што ПСЖ сака да има на својот гол во годините што следат.

Јан Облак веќе извесно време се поврзува со преселба на „Паркот на принцовите“, неговата отштетна клаузула изнесува 100 милиони евра, па тоа е сумата што францускиот првак ќе треба да ја плати ако сака да го доведе голманот на Атлетико Мадрид во своите редови.

Се вчитува...