ПСЖ го запре налетот на Киелце, Митревски и Порто совладани во Барселона

Серијата од седум победи на Киелце во Лигата на Шампионите конечно беше прекината вечерва, откако полскиот првак загуби на гостувањето против ПСЖ со резултат 32-27. Избраниците на Талант Душебајев пристигнаа во Париз осоколени по двете победи над Барса, но немаа сили за нов триумф над европски гигант. ПСЖ моќно го почна натпреварот поведувајќи со 4-1, потоа и со 9-4, но Киелце се врати и до крајот на полувремето намали на 16-14.

Сепак, Раул Гонзалес и неговите избраници не дозволија целосен камбек на гостите од Полска, „светците“ од Париз знаеја како да го исконтролираат резултатот до самиот крај и да стигнат до заслужена победа. Хансен беше прв стрелец на ПСЖ со седум гола, еден помалку постигна Ремили, а одличен на голот беше Жерар со 13 интервенции. На спротивната страна, најефикасни во таборот на Киелце беа Сичко и Наи со по пет гола, а далеку под своето ниво беше Алекс Душебајев, кој постигна само три гола од седум обиди.

Македонскиот голман Никола Митревски со тимот на Порто претрпе очекуван пораз на гостувањето против Барселона. Каталонците рутински ја оправдаа фаворитската улога триумфирајќи со 38-31, меч што Барса го доби со фуриозното прво полувреме во кое имаше водство од 20-13. Митревски имаше четири интервенции на ова тешко гостување, а најефикасни поединци во таборот на Барселона беа Гомез Абелјо со 12 и Циндриќ со осум погодоци.

Се вчитува...