ПСЖ подготвува изненадување: Диего Симеоне е наследникот на Покетино!

ПСЖ се обидува да сврти нов лист, претседателот Ал Келаифи е свесен дека мора што поскоро да направи „ремонт“ во клубот, а голем проблем претставува речиси сигурното заминување на Килијан Мбапе. Директорот Леонардо ќе ја плати цената за неуспешните преговори со најдобриот стрелец на ПСЖ, заедно со него ќе си замине и тренерот Покетино, а Ал Келаифи напорно работи на наоѓање на нови луѓе за клучните позиции во клубот.

Опции за директор има неколку, што се однесува до тренерската функција досега во пол-позиција во трката се наоѓаше Зинедин Зидан, но челниците на клубот сега сериозно размислуваат и за Диего Симеоне. Аргентинецот со својот темперамент и инсистирањето на дисциплина во играта стана главен фаворит во трката поради фактот дека токму неговите силни тренерски страни е она што му недостига на тимот на ПСЖ исполнет со голем број „ѕвезди“, но без победнички карактер.

Симеоне има договор со Атлетико до јуни 2023 година, но со оглед на променливата форма на тимот во текот на сезонава лесно може да се случи двете страни спогодбено да ја прекинат соработката. Извори блиски до Аргентинецот тврдат дека тој посакува нов предизвик во кариерата, како опција се споменуваше Премиер-лигата, но понудата од ПСЖ е премногу добра да биде одбиена од трофејниот стручњак.

Се вчитува...