ПСЖ со автогол на противникот во 92. минута се спаси од пораз во Сент Етјен

ПСЖ со автогол на противникот во 92. минута од средбата се спаси од третиот пораз сезонава во француската Лига 1. Сент Етјен во првиот натпревар од 32. коло во Франција беше блиску до триумф против ПСЖ, но на крајот мораше да се помири со 1-1.

Сент Етјен дојде до водство со голот на Реми Кабела во 17. минута од средбата. Истиот играч во 31. минута можеше и да го дуплира водството, но не успеа да реализира удар од белата точка.

Задачата на ПСЖ да стигне до бод беше отежната откако Кимпембе во 41. минута заработи втор жолт картон и исклучување. Но, и со играч помалку гостите успеаја да стигнат до бод благодарение на автоголот на Дебуши во 92. минута.

Со ова реми ПСЖ чува убедлива предност на врвот од табелата со 84 бода, 17 бода повеќе од второпласираниот Монако. Сент Етјен со 43 бода е на 9. место во моментов во Лига 1.

Се вчитува...