Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, не правеше голема драма по убедливиот пораз од 0:3 против Мајорка во првиот пријателски натпревар од летните подготовки.
Францускиот шампион настапи без голем број стандардни првотимци, меѓу кои Усман Дембеле, Дезире Дуе, Бредли Баркола, Ворен Заир-Емери, Фабијан Руиз, Ашраф Хакими и Нуно Мендеш.
„Тешко е да се направи прецизна анализа. Мислам дека одигравме интересно прво полувреме, но направивме грешка кај вториот примен гол и тоа дополнително ја отежна ситуацијата. Сепак, задоволен сум од она што го видов. Неколку наши млади играчи одиграа навистина добро. Овој натпревар пред сè служи за подобрување на физичката подготвеност. Резултатот не е оној што го посакувавме, но таков е фудбалот“, изјави Луис Енрике за клупската телевизија.
Шпанскиот стратег истакна дека е сосема нормално секој противник да биде дополнително мотивиран кога игра против актуелниот европски шампион.
„Кога играте против Пари Сен Жермен, тоа е дополнителна мотивација за секој ривал и тоа е сосема нормално. Ова е само првата недела од подготовките, а во составот имавме многу младинци. Тие се многу млади фудбалери и морам да го пофалам нивното ниво и менталитет. За три дена нè очекува нов контролен натпревар, а потоа постепено ќе ни се приклучуваат и репрезентативците, па ќе го видиме вистинското лице на тимот“, додаде Енрике.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
