ПСЖ во офанзива по Роналдо, му нуди плата колку Меси во Барса

Пари сен Жермен е клубот што го прави Кристијано Роналдо несреќен во Реал Мадрид, нудејќи му на Португалецот многу повисока плата од онаа што ја зема во таборот на „кралскиот клуб“. Флорентино Перез не сака да му ја исполни опсесијата на Кристијано и да ја израмни неговата плата со онаа што Лионел Меси ја зема со новиот договор на Барселона, но „светците“ од Париз се подготвени да го сторат токму тоа – да му понудат на одличниот португалски голгетер нето плата од 45 милиони евра по сезона за наредните три години.

Иако отпрвин се шпекулираше за размена Роналдо за Нејмар, последните информации од Шпанија велат дека ПСЖ воопшто не размислува за такво нешто, туку планира да состави атомско трио Нејмар – Мбапе – Роналдо, со кое францускиот клуб се надева дека конечно ќе успее да ја оствари зацртаната цел – да се закити со трофејот во Лигата на шампионите.

За ваквиот развој на настаните е запознаено и раководството на Реал Мадрид, кое ќе се обиде да го убеди Роналдо да остане, но на сите им е јасно дека тоа ќе биде исклучително тешко ако не се израмни понудата на ПСЖ. Ставот на „кралевите“ е тој да остане доколку е возможно, но да не се инсистира по секоја цена, бидејќи енормно зголемување на неговата плата може да донесе незадоволство кај остатокот од тимот, нешто што Флорентино Перез не сака да си го дозволи. Затоа, лесно може да се случи Реал да постави цена за својот најдобар фудбалер, сума што сигурно ќе ја надмине границата од 100 милиони евра, а што ПСЖ со леснотија ќе ја плати за овој мегатрансфер да се реализира.

„Светците“ не планираат други скапи засилувања за летово, па овие 100 милиони би ги покриле од продажбата на Кавани и Ди Марија, за да не го нарушат финансискиот ферплеј зацртан од УЕФА.

Се вчитува...