Работнички ја совлада Блокотехна, нека почне плеј-офот (фотогалерија)

Работнички со победа го заврши настапот во Супер-лигата, триумфирајќи со резултат 78-65 над Блокотехна како успешна увертира за плејофот. Овој дерби дуел на двете првопласирани екипи од првиот дел од сезоната немаше никакво резултатско значење, што на тренерите им овозможи и да го изротираат тимот малку повеќе од вообичаено. На крајот, како пресудна се покажа подолгата клупа на домаќинот, кој во второто полувреме успеа да се одлепи и заслужено да стигне до победата.

Караџовски со тројка со звукот на сирената донесе предност на Работнички од 25-22 на крајот од првата четвртина, за гостите од Гевгелија да одиграат подобро во вторите десет минути и на одмор да стигнат со резултат 37-38. Марин Докузовски во вториот дел го уфрли во игра Чавдар Костов, кој го преседе речиси целото прво полувреме, па предводени од бугарскиот интернационалец домаќините заиграа многу подобро. Работнички имаше предност од 49-41, но Блокотехна со подобра игра во финишот од четвртината намали на 53-50. Тоа беше се што гостинскиот тим успеа да стори, Работнички повторно се одлепи во последниот период од мечот, заслужено триумфирајќи со конечни 78-65.

Кире Николовски постигна 16, Гинјард 15, а Еванс 14 поени за Работнички, додека најефикасни кај Блокотехна беа Мијатовиќ со 21 и Ѓуроски со десет поени.

Работнички во првиот полуфинален натпревар ќе го пречека Куманово, додека Блокотехна ќе му гостува на шампионот МЗТ Скопје. Почетокот на полуфиналните серии од плејофот е предвиден веќе за вторник.

Се вчитува...