Работнички пред вистински тест против „лавовите“, Пелистер мора на победа против „пандевци“

Работнички, без сомнение, посакува продолжување на низата без пораз и во 12. коло од Првата македонска фудбалска лига, и покрај тоа што денеска против себе ќе го има еден од најдобрите тимови во лигата.

На „романтичарите“ бодовите им се неопходни и за одвојување од последните четири позиции на табелата, но „лавовите“ под водство на Жикица Тасевски сезонава играат извонредно, единствен тим кој повеќе од успешно парира на водечката двојка, Шкендија и Шкупи. Тасевски вели дека, иако само по себе се наметнува прашањето за борба за титулата, тимот од Ѓорче оди чекор по чекор.

„Иако прашањето за борба за титулата само се наметнува се уште е рано да говориме за тоа. Ние како клуб одиме чекор по чекор, а токму следниот чекор е мечот со Работнички. Одличен тим предводен од одличен стратег. Имам соработувано со Ратко Достаниќ и иам многу добро мислење за него. Работнички е квалитетен тим, но има и свои мани. Добро ги анализиравме и ќе се обидеме да ги искористиме и да стигнеме до триумф. Мал проблем за нас ќе биде неиграњето на Абдул Басит Калид кој поради пет жолти картони ќе мора да го пропушти овој меч, но сепак во тимот имам фудбалери кои можат достојно да го заменат“, ни изјави Жикица Тасевски.

Пелистер, пак, во битката за опстанок е под притисок за триумф на гостувањето против Академија Пандев во Струмица.

„Влеговме во резултатска криза во последните мечеви. Овој меч со Академија Пандев ќе биде шанса за да ја надминеме кризата. Ќе биде интересен и израмнет натпревар во кој се надевам дека на крајот ние ќе славиме. За нас и нерешено ќе биде добар резултат бидејќи ќе ја задржиме предноста во борбата за опстанок, но се разбира како и на секој меч одиме на победа. Се разбира се уште прва цел на тимот останува опстанок во лигата“ – вели тренерот на „пелистерци“, Зоран Штерјовски.

ПРВА ЛИГА – 12. КОЛО (денеска, 13 ч.)

Тетово: ШКЕНДИЈА – ШКУПИ

Скопје: РАБОТНИЧКИ – МАКЕДОНИЈА ЃП

Кратово: СИЛЕКС – БЕЛАСИЦА

Струмица: АК. ПАНДЕВ – ПЕЛИСТЕР

Струга: СТРУГА ТЛ – РЕНОВА

ВЧЕРА

БОРЕЦ – ВАРДАР 0-2

Се вчитува...