Работнички се мачеше, па го совлада Фени

Работнички издвои нова победа во домашното првенство, овој пат против екипата на Фени индустри со резултат од 74-55, и ја продолжи победничката серија од 13 натпревари во низа. Тимот од „Градски парк“ беше изненаден од пристапот на „индустријалците“ кои до половина од средбата им создаваа многу проблеми, но искуството кај кошаркарите на Докузовски одново се покажа како пресудно.

Актуелниот лидер на табелата уште во рана фаза од средбата ја презеде контролата, но Фени не дозволи „потоп“ на свој терен. Работнички го освои првиот период со 18-8, кавадарчани го возвратија ударот откако втората четвртина им припадна со 14-10. Сепак, победникот на средбата беше познат по крајот на третиот период откако единаесеткратниот македонски првак стигна до највисоката предност од 15 поени, разлика која се покажа како недостижна за Фени.

Најрасположени во составот на кавадарчани беа Девон Вокер со 21 поени, Јане Петровски со 14, односно Милан Милков со 12 поени. Мираковски и Крстевски беа најефикасните кошаркари на Работнички, со 14, односно 12 поени, а по 10 поени додоадоа Робинсон и Костов.

Се вчитува...