Работник едвај ја победи Слога Добој

Ракометарите на Работник во вториот натпреварувачки ден од турнирот во Добој стигнаа до првата победа, откако славеа на дуелот со домаќинот Слога со резултат 26-24.

Играта на битолскиот клуб е далеку од посакуваното ниво во пресрет на дебито во СЕХА и во Лигата на шампионите, но добра вест за тренерот Алушовски е што барем беше прекината серијата од два меча без победа, по поразот од АЕК во финалето во Струга и ремито со Луцерн на стартот од турнирот во Добој.

Денешниот дуел повторно мина во израмнета игра во која тимовите се менуваа во водство. Слога замина на одмор со предност од 13-11, за македонскиот вицепрвак предводен од голманот Благојче Трајкоски да направи пресврт во второто полувреме и заслужено да стигне до победата.

Кузманоски и Радовиќ со по пет гола беа најефикасни во таборот на Работник, во чии редови во главна улога беше голманот Трајкоски со 20 успешни интервенции.

Се вчитува...