Радески и Муслиу: Не се неважни и резултатите на овие тестови, сакаме да ја продолжиме низата без пораз

По откажувањето на Ферхан Хасани поради повреда, двоецот Марјан Радески и Висар Муслиу се единствените фудбалери од редовите на Шкендија во националниот тим за престојните два пријателски натпревари против Финска и Азербејџан кои ги играме во Анталија.

По пристигнувањето во турскиот центар и првите одработени тренинзи и двајцата се повеќе од оптимистички расположени дека може да ја продолжиме низата од пет едноподруго меча без пораз…

„Веќе пет натпревари по ред бележиме одлични резултати, и на последните четири меча од претходните квалификации, и на тестот со Норвешка на кој победивме со 2-0. Секако сакаме да ја продолжиме низата добри игри. И Финска и Азербејџан не се воопшто наивни противници но секако ние сме концентрирани само на нашата игра и што подобра подготовка за тоа што не очекува од септември“ – вели Радески.

Висар Муслиу, пак, заедно со Дарко Велковски треба да биде одранбениот бедем пред нашиот гол на централната дефанзивна позиција и за дуелот против Финците на 25. март…

„Веруваме дека можеме најпрво добро да се подготвиме и потоа да прикажеме нови одлични игри на престојните два пријателски натпревари. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, и тоа сигурно ветува ново квалитетно наше издание. Сите знаеме дека не се неважни резултатите и на овие тестови, затоа силно посакуваме и победи на двете пресметки“ – потенцира Висар Муслиу.

По вчерашниот прв тренинг и денеска селекторот Игор Ангеловски продолжува со подготовките во комплетен состав со 18 репрезентативци колку што има на располагање во Анталија.

Се вчитува...