Радичевиќ единствена екс-вардарка во „дрим-тимот“ на ЛШ

Јованка Радичевиќ е единствената поранешна ракометарка на Вардар што се избори за место во идеалниот тим на сезоната во Лигата на шампионите што денеска беше објавен од ЕХФ. Европската куќа на ракометот вообичаено го објавува дрим-тимот во пресрет на фајналфор турнирот во Будимпешта, што ќе се игра викендов во унгарската престолнина, а бранител на трофејот ќе биде Ѓер.

Радичевиќ редовно беше учесник на овие натпреварувања во дресот на Вардар, но по распадот на македонскиот првак таа се пресели во ЧСМ Букурешт, тим со кој не успеа да стигне до Ф4 откако заслужено елиминиран од Мец. Црногорката беше една од ретките светли точки во дресот на ЧСМ во текот на целата сезона, па заслужено беше избрана за најдобро десно крило сезонава.

Најдобра голманка е Катрин Лунде од Кристијанштад, лево крило е Манон Ует од Мец, а во дрим-тимот има место и за четири ракометарки на Ѓер, Ане Мете Хансен како лев бек, Стине Офтедал како среден бек, Крина Пинтеа како пивот, додека македонската снаа Едуарда Аморим е избрана за најдобра дефанзивка.

Руската репрезентативка Ана Виакхирева е најдобар десен бек, а за најдобра млада ракометка е избрана Ноеми Хафра од ФТЦ Будимпешта.

Полуфиналните натпревар од фајналфор турнирот во Будимпешта се на програмата утре, а силите ќе ги одмерат Ѓер и Кристијанштад, односно Мец и Ростов.

Се вчитува...