„Ракетата“ Кармело слета во Хјустон

Кармело Ентони од денеска и официјално е нов член на Хјустон рокетс, комплетирајќи го трансферот што беше најавуван веќе извесно време. „Ракетите“ настојуваат да состават тим со кој би парирале на шампионот Голден стејт, па челниците на Хјустон се надеваат дека со Кармело како помош за Крис Пол и за Џејмс Харден ќе си ги зголемат шансите за да ги замрсат сметките на „воините“.

Ентони не ги оправда очекувањата во Оклахома сити, од каде беше дел од тројна размена во која заврши во Атланта. Сепак, „јастребите“ немаа место за Кармело во тимот, па дури и се согласија да му платат 25,4 милиони долари за да го раскинат предвреме неговиот договор.

Токму оваа загарантирана сума му овозможи на Ентони да го избере Хјустон, и тоа за минимален договор од 2,4 милиони долари за една сезона, пари што ќе заминат на сметката на Атланта хоукс.

Кармело Ентони во својата кариера десет пати стигнуваше до место на олстар викендот, а освои и три златни метали со „дрим-тимот“ на Олимписките игри. Тој моментно се наоѓа на 19. место на вечната листа на стрелци во НБА-лигата, со вкупно 25.417 поени.

Се вчитува...