Ракитиќ го пропушта и дербито со Атлетико

Иван Ракитиќ нема да може да му помогне на тимот на Барселона на претстојното дерби со Атлетико Мадрид. Хрватскиот интернационалец се повреди за време на дуелот со Шпанија, тој веќе се врати назад во Каталонија, каде деталните лекарски прегледи покажаа дека станува збор за мало кинење на мускулот.

Клупските лекари не го наведоа точниот период на рехабилитација, но медиумите објавија дека при ваков вид на повреди паузата секогаш изнесува најмалку две седмици. Ова практично значи дека Ракитиќ нема никакви шанси да биде „фит“ за гостувањето во Мадрид на 24 ноември.

Мали се шансите дека подготвен за настап на оваа средба ќе биде и Филипе Кутињо, па јасно е дека Ернесто Валверде ќе мора да експериментира со тимот на дербито за врвот на Примера дивизион.

Претходно, Ракитиќ ќе го пропушти и клучниот натпревар на хрватската репрезентација, на гостински терен со Англија, директна пресметка за првото место во групата.

Се вчитува...