Ракометар за малку ќе останел без вид на одмор во Хрватска

Летниот одмор на норвешкиот ракометар Робин Тенесен се претвори во вистински кошмар во кој десниот бек на Фленсбург лесно можел да остане и без вид на едното око.

За време на семејниот одмор тој почувствувал силна болка во пределот на десното око, веднаш заминал во болница, но прегледите не утврдиле посериозен проблем. Состојбата во следните два дена му се влошила, по што Тенесен се обратил во својот клуб од каде му било препорачано веднаш да се врати назад во Германија.

Токму таа одлука се покажала клучна, бидејќи врз Норвежанецот по враќањето биле извршени низа специјалистички прегледи кои го утврдиле невообичаениот проблем – херпес зостер на лицето што притискал на делот околу окото. Ризикот од трајно оштетување на видот бил голем, но лекарскиот тим на Фленсбург по консултациите со специјалисти за ваков вид на болести успеале со вистинска терапија да го опорават искусниот 35-годишен ракометар.

„Никогаш досега во животот немав почувствувано таква болка. Беше брутално, едвај издржав“, истакнува Тенесен.

Тој го пропушти стартот на сезоната во Бундес-лигата, но неодамна почна со тренинзи со првиот тим и наскоро би можеле да го видиме назад на терените.

Се вчитува...