Ракометната репрезентација на Македонија денеска ги продолжува настапите во квалификациите за ЕП 2024, со можност на гостински терен против Турција да се стигне до триумф со кој би се направил џиновски чекор кон пласман на европскиот шампионат. Триумфот над Луксембург само ја потврди разликата во класи во однос на аутсајдерот во групата, нема сомнеж дека Македонија и со подмладен состав е поквалитетна селекција од Турција, но тоа ќе мора да се докаже на теренот во арената во Ван (16 часот).
Турците во првото коло неочекувано лесно и убедливо загубија на гостувањето во Португалија со 44-27, но јасно е дека со поддршка на навивачите оваа селекција ќе стори се за да го земе скалпот на Македонија.
„Ни претстои многу потежок натпревар на гостински терен. Турција е многу посериозна репрезентација од Луксембург. Повеќе или помалку се познаваме со нив, а одигравме и еден официјален натпревар и остваривме победа. Сепак, ова е сосема различен состав. Иако Португалија вчера стигна до убедлива победа токму над Турција, тој резултат не смее да не залаже. На Турција и недостасуваа двајца важни ракометари на овој меч. Тешко гостување и жежок терен. Очекувам квалитетен натпревар бидејќи сме подготвени, но мора да бидеме внимателни“, изјави селекторот Кире Лазаров.
Голем плус за „црвено-жолтите“ е вклучувањето во составот на Дејан Манасков, кој по подолга пауза поради повреда се враќа во националниот тим.
Македонија и Турција се сретнаа и во квалификациите за ЕП 2020, кога нашиот национален тим славеше во Битола со 31-27, за потоа Македонија да триумфира и на гостински терен, со минимални 25-26.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА