Ракометарите на Тиквеш со шпалир за фудбалерите, па до триумф над Пролет

Тиквеш славеше над Пролет со 29-25 во последниот домашен меч што кавадарчани го одиграа во плејофот оваа натпреварувачка сезона. Нецели 24 часа откако цело Кавадарци го прослави успехот на фудбалскиот клуб и освоениот трофеј во Купот на Македонија, фудбалерите попладнево се појавија во салата „Јасмин“, каде пред почетокот на ракометниот дуел беа поздравени од навивачите, а од ракометарите на Тиквеш добија „шпалир“ како честитка за големиот успех.

Пролет умешно парираше, па дури и го контролираше резултатот во првите дваесетина минути, откако избраниците на Александар Јовиќ во неколку наврати имаа и три гола предност. Скопјани последен пат водеа со „плус три“ при 9-12, Тиквеш набрзина се консолидираше, израмни на 13-13, а потоа на одмор замина со предност од минимални 17-16. Пресуден беше почетокот на второто полувреме што домашниот состав го стартуваше со четири гола во низа и експресно се одлепи на пет гола предност. Кавадарчани продолжија дадоминираат, во 53. минута дојдоа и до двоцифрена предност (29-19), по што застанаа, а Пролет успеа да го ублажи убедливиот пораз намалувајќи на конечните 29-25.

Мијатовиќ со осум погодоци беше клучна фигура во таборот на Тиквеш, пет погодоци постигна Мартин Манасков, додека кај Пролет најефикасни со по четири гола беа Василевски, Петковски и Андоновски.

Се вчитува...