Ракометарите по триумф во Талин за чекор напред кон ЕП 2026

Ракометната репрезентација на Македонија денеска во 18 часот го игра претпоследниот натпревар во квалификациите за ЕП 2026, на гостински терен против селекцијата на Естонија. Фаворитската улога им припаѓа на нашите ракометари, но мора да се истакне дека овој квалификациски циклус избраниците на Лазаров го играат под посакуваното ниво, во првите четири кола имаат само една победа (токму над денешниот ривал) и немаат друг избор освен со две победи над Естонија и Литванија да стигнат до второто место и пласман на уште едно големо натпреварување.

Словенија ни направи услуга со вчерашниот триумф во Литванија, што е само мотив плус за „црвено-жолтите“ со добра игра да стигнат до победа што ќе ги донесе чекор поблиску до европското првенство.

Естонците се ослабени во однос на првиот меч, во составот ќе ги немаат клучните играчи Том и Руба поради повреда, но селекторот Лазаров гласно предупредува дека ривалот мора да биде почитуван максимално бидејќи само со стопроцентна посветеност на теренот може да се стигне до победата.

„Јас сум секогаш оптимист и во животот и во спортот, така ќе настапам и сега. Мора да бидеме претпазливи на моменталниот наш здравствен билтен, доста играчи ни фалат, има некои нови играчи кои мора да ги заменат во одлучувачки натпевари. Периодот е краток. Немаме право на грешка, очекувам два психолошки тешки натпревари. Верувам во тимот и во екипата дека ќе одговорат со вистинско лице, голем дел од играчите кои се повикани знаат какви се овие квалификациски натпревари и знаат како е да немаш право на грешка. Сакам да ја видам нивната реакција, а и на новите играчи кои се тука. Се надевам дека ќе одговориме на предизвикот. Естонците покажаа во Скопје дека играат на гол повеќе“, изјави Лазаров.

Се вчитува...