Ракометна „бомба“: Чупиќ од февруари во Кил

Авантурата на Иван Чупиќ во Вардар ќе заврши на почетокот од следниот месец, кога хрватскиот ас би требало да ги напушти „црвено-црните“ и да се пресели во редовите на Кил. Новиот европски првак веќе испратил понуда за да го доведе Чупиќ во своите редови, a планот на тренерот Јиха е Чупиќ да потпише за Кил веднаш по завршувањето на СП 2021 во Египет.

Десното крило се врати во таборот на хрватската репрезентација токму за овој мундијал, а во меѓувреме би требало да ги финишира преговорите со „зебрите“ за преселба во Бундес-лигата. Според хрватските медиуми, се очекува управата на Вардар да излезе во пресрет на ова барање на Чупиќ, како награда за лојалноста што Хрватот ја покажа кон македонскиот првак во периодот на најголемата финансиска криза на клубот.

Доколку „вардарци“ ја одбијат понудата, Кил ќе се врати по Чупиќ на крајот од сезонава, кога десното крило ќе може како слободен играч да замине во Германија.

Иван Чупиќ е член на Вардар од 2016 година, кога пристигна од редовите на Киелце, по што беше меѓу најзаслужните за двете европски титули на „црвено-црните“. Тој го постигна победничкиот гол во триумфот од финалето во ЛШ над ПСЖ, за премиерната круна на „вардарци“ во „Ланксес Арена“ во Келн.

Се вчитува...