Ракометните надежи на Македонија со реми против Украина го стартуваа ЕХФ шампионатот

Машката младинска репрезентација на Македонија денеска со реми против Украина (23-23) го стартуваше ЕХФ шампионатот до 20 години во градот Варна, Бугарија.

Во една крајно изедначена „битка“ на теренот, во првото полувреме се играше гол за гол. Избраниците на Бранко Ангеловски иако постојано беа во мини резултатска негатива од еден до два гола разлика, сепак, не доволија одлепување на противникот. На пауза се замина со резултат од 9-10 за Украина.

Во вториот дел нашите противници врзаа неколку гола во низа, па одлично одиграа и во одбраната. Украинците направија солидна предност од 3-4 гола разлика и истата одлично ја чуваа подолго време.

Македонската репрезентација постојано се обидуваше да фатим ритам, а конечно во тоа успеа во 54. минута. „Црвено-жолтите“ во самиот финиш влегоа во голгетерска серија за враќање во игра и доближување до противникот на само еден гол (19-20). По само неколку напади успеавме да изедначиме на 21-21, а за момент да поведеме и со 22-21. Сепак, ниту Украинците не се предадоа, па на крајот успеаа да одиграат за реми и поделба на бодовите (23-23).

Шулески со шест гола од седум обиди беше најпрецизен во македонскиот табор, по пет постигнаа Ивановски и Тодевски, а по два имаа Белистојановски и Петковски. Во следното коло Македонија ќе се сретне со Косово, утре со почеток од 18:00 часот.

Се вчитува...