Рангник даде зелено светло – Лингард заминува од Манчестер Јунајтед

Џеси Лингард дефинитивно ќе си замине од Манчестер Јунајтед во јануарскиот преоден рок, откако офанзивниот играч за врска не успеа да го импресионира Ралф Рангник, кој нема да смета сериозно на неговите услуги до крајот на сезонава.

Договорот на Лингард со Јунајтед истекува за седум месеци, тој јасно стави до знаење дека нема да ја продолжи верноста кон „црвените ѓаволи“, а Рангник нема намера да чува играч што секако би имал минимална минутажа кај него. Токму затоа, германскиот стратег дал зелено светло за Лингард да биде продаден и Јунајтед да заработи десетина милиони фунти, наместо тој да си замине без отштета на крајот од сезонава.

Англискиот репрезентативец го мина вториот дел од ланската сезона во Вест Хем каде играше во одлична форма, „чеканите“ би сакале повторно да го ангажираат, но лидер во оваа трка моментно е Њукасл. „Црно-белите“ предводени од богатите арапски газди се свесни дека ќе мора да инвестираат во нови засилувања во јануари,а Лингард е фудбалер што веднаш би го кренал нивото на игра на тимот на Еди Хау. Парите не се проблем во Њукасл, па нема сомнеж дека овој клуб ќе понуди поголема сума од Вест Хем, само за да го осигура потписот на Лингард на самиот почеток на 2022 година.

Се вчитува...