Рангник: Јунајтед може да учи од Манчестер Сити и од Ливерпул

Манчестер Јунајтед ќе му гостува на Манчестер Сити во дербито на новото премиерлигашко коло, а Ралф Рангник во прес-конференцијата пред мечот порача дека неговиот клуб може многу да научи од големиот градски ривал.

„Ѓаволите“ со години наназад не завршиле премиерлигашка сезона пред „граѓаните“, а Рангник смета дека рецептот на успех на Сити е нешто што Јунајтед може да го искористи за да се врати на посакуваните патеки.

„Јас дојдов овде за да работам со оваа група на играчи и да го извлечам најдобриот резултат што можам. Ако гледаме долгорочно, Јунајтед може да учи од Манчестер Сити, исто како и од Ливерпул. Континуираноста на работата на еден тренер создава сопствен идентитет на играта, нешто по што клубот е препознатлив. Тоа е тајната на нивниот успех и тоа е она што Јунајтед треба да го ископира во иднина доколку сака да биде победнички клуб што ќе се бори за трофеи“, истакна Рангник.

Манчестер Сити моментно е лидер на премиерлигашката табела со 66 бода, дури 19 повеќе од четвртопласираниот Манчестер Јунајтед.

Се вчитува...