Фудбалерите на Шведска убедливо ја победија репрезентацијата на Тунис со 5-1 (2-1) во натпреварот од првото коло од Групата Ф на Светското првенство.
Со три бода, скандинавската репрезентација сега е на првото место на табелата, откако Холандија и Јапонија ремизираа 2-2.
Во следното коло, Шведска ќе игра против Холандија во сабота во 19 часот, а Тунис против Јапонија следниот ден наутро во 06 часот.
Селекцијата предводена од Греам Потер освои само два бода во квалификациите за Светското првенство, па така стигна до завршниот турнир преку Лигата на нации и плејофот. Но, сега тотално доминираше на СП.
И уште од самиот почеток, Шведска започна бурно, прво со шансата на Виктор Ѓокереш, а потоа и со водечкиот гол веќе во 7. минута. Јасин Ајари стрелаше од околу 20 метри во мрежата на селекцијата за која требаше да игра, бидејќи неговото потекло преку родителите го врзува за Тунис. Сепак, тој се одлучи за Шведска, а судбината сакаше да ја затресе мрежата на својата несудена репрезентација, поради што не го прослави постигнатиот гол.
Тунис се опорави од тој шок и ја презеде иницијативата, но токму тогаш следеше убиствена контра за 2-0. Александар Исак во 30. минута погоди за двојно водство на Шведска.
Тунис преку Рекик во 43. минута намали на 2-1, но потоа во второто полувреме целосна доминација на Швеѓаните.
Ѓокереш во 59. минута за 3-1, па Сванберг во 84. минута и за 4-1, и конечно повторно Ајари во судиското продолжение за конечни 5-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
