Расел Вестбрук испиша историја во НБА-лигата

Расел Вестбрук си обезбеди место во историјата на НБА-лигата откако синоќа го урна рекордот на легендарниот Оскар Робертсон, за најмногу трипл-дабл натпревари во елитното кошаркарско друштво.

Остварувањето на Робертсон 181 трипл-дабл важеше за „најнедопирливиот рекорд“ во НБА, но Вестбрук од година во година се повеќе се приближуваше, за на синоќешниот дуел со Атланта да се најде на врвот на оваа вечна листа. Тој постигна 28 поени, надополнети со 13 скокови и 21 асистенција, за своето место во историјата. Вашингтон сепак го загуби овој натпревар со минимални 125-124, а најефикасни во редовите на Атланта беа Јанг со 36 и Колинс со 28 постигнати поени.

Голден Стејт во драматичен натпревар ја совлада Јута со 119-116, потврдувајќи ја одличната форма во пресрет на доигрувањето. Стеф Кари беше прв стрелец на „воините“ со 36 поени, додека на „џезерите“ не им помогна ниту одличното издание на Кларксон, кој реализираше 41 поен.

Сан Антонио со неверојатна офанзивна партија го декласираше Милвоки со 146-125. Четири играчи на Сан Антонио имаа 20 или повеќе поени, додека најефикасен кај Милвоки беше Адетокумбо со 28 постигнати поени.

Резултати НБА:

Атланта – Вашингтон 125-124, Кливленд – Индијана 102-111, Мемфис – Њу Орлеанс 115-110, Сан Антонио – Милвоки 146-125, Голден Стејт – Јута 119-116, Портланд – Хјустон 140-129.

Се вчитува...