Раскина со Барселона, но не смее да оди во Реал Мадрид

Војната меѓу Барселона и Томас Ертел заврши со раскин на договорот меѓу каталонскиот гигант и францускиот плејмејкер. За потсетување, проблемот настана откако Барса го договори трансферот на Ертел во Фенербахче, но Французинот во последен момент се премисли и инсистираше на преселба во Реал Мадрид.

Каталонците најпрвин го оставија Ертел сам на аеродромот во Истанбул кога остатокот од тимот се врати назад во Барселона (за што беа осудени од јавноста), а потоа го блокираа неговото заминување до крајот на преодниот рок во Евролигата, прекомандувајќи го во втората екипа. Сепак, неговиот агент Мишко Ражњатовиќ денеска објави дека е постигнат договор за прекин на соработката.

Според шпанските медиуми, во оваа спогодба има клаузула со која Ертел до крајот на сезонава не смее да потпише за друг шпански клуб, со што практично се блокира негов трансфер во Реал Мадрид.

Останува да се види дали Ертел ќе замине во друг клуб, каде би играл само во домашното првенство, а одличниот плејмејкер веќе беше повикан во француската репрезентација за февруарските квалификации за Евробаскет 2021.

Се вчитува...