Распоред за ЕП: На стартот со Словенија, на крајот со Германија

Словенија ќе биде првиот противник на Македонија на претстојното Европско Првенство што ќе се одржи во јануари 2018 година во Хрватска.

Нашиот национален тим се најде во групата Ц заедно со селекциите на Германија, Црна Гора и Словенија, а веднаш беше утврден и распоредот на натпревари, според кој „црвено-жолтите“ во првото коло закажано за 13 јануари во Загреб ќе ги одмерат силите со селекцијата предводена од Веселин Вујовиќ. За потсетување, Македонија беше убедливо поразена од овој ривал на последниот мундијал во Франција, така што овој меч е идеална можност за реванш.

Во рамките од второто коло, на 15 јануари Македонија ќе се сретне со Црна Гора, меч на кој победа речиси сигурно ќе значи и пласман во следната фаза. Потоа следи уште еден слободен ден, за на 17 јануари Македонија да ја заврши групната фаза во Загреб со дуелот со актуелниот европски првак Германија.

Инаку, шампионатот ќе биде отворен со големо регионално дерби во Сплит, во кое на 12 јануари домаќинот Хрватска ќе ги одмери силите со Србија.

Се вчитува...