Раул: Кај мене играат најдобрите, не ме прашувајте за млади и стари

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Раул Гонзалес имаше причина за задоволство по денешниот почетен натпревар на СП 2019 и убедливата победа над селекцијата на Јапонија. Шпанскиот стратег го посочи голманот Борко Ристовски како главен фактор за оваа победа, по која Раул останува цврсто на земја и не дозволува никаква еуфорија во таборот на „црвено-жолтите“.

„Борко бранеше фантастично во првото полувреме и ни помогна да се одлепиме. Веќе имам кажано дека за добар настап на СП неопходно ќе ни биде да ги имаме голманите во најдобра форма, а денеска Борко беше токму на тоа ниво. Да не беше така, мечот можеше да добие поинаков тек. На крајот славевме убедлива победа, можеби и поубедлива од очекувањата според текот на натпреварот, но ова е само прв дуел и нема простор за преголемо славје. Се вртиме кон наредните предизвици“ – истакна Гонзалес.

Македонскиот „Ел команданте“ се осврна и на изборот на играчи и минутажата што воглавно им припадна на најискусните во нашиот табор.

„Јас сум селектор и мене работа ми е да играат оние што се најдобри. Ние имаме играчи што се поквалитетни и тие играат повеќе, потоа имаме играчи кои се послаби од нив и тие играат помалку. Не ми е важно дали се млади или стари, туку дали одговараат на она што јас како тренер го барам од нив“ – објасни Раул.

Се вчитува...