Раул Гонзалес и ПСЖ се најголемото разочарување во Лигата на шампионите сезонава откако најбогатиот европски клуб не успеа да стигне ниту до фајналфор турнирот во Келн, камоли да се бори за тронот на европскиот ракомет. Елиминацијата од Кјелце остави силни рани во таборот на „светците“, но добра вест за поранешниот македонски селектор е што нема да добие отказ, туку одврзани раце за да состави тим по своја желба, за следната година конечно да се закити со трофејот што газдите на ПСЖ го сонуваат.
Ремонтот е веќе почнат, со заминувањата на Генсхајмер во Рајн-Некар Левен и на Сагосен во Кил (трансфер договорен за 2020 година). Овие двајца нема да бидат единствените што ќе си заминат, откако управата реши да не му го продолжи договорот на Лук Абало, а од Париз стигнуваат и информации за незадоволство на уште неколку „ѕвезди во тимот“.
Раул многу повеќе сака „работници“ отколку „ѕвезди“ во својот тим, па „ел команданте“ ќе даде зелено светло дури и за заминување на Карабатиќ, доколку францускиот ас добие интересна понуд во наредните месеци.
Како замена за Генсхајмер веќе е договорен трансферот на Сигурдсон од Рајн-Некар Левен, а покрај исландскиот ветеран пред потпис со ПСЖ се наоѓа и Јоханесен од Фленсбург. Норвешкиот интернационалец е договорен со „светците“ за 2021 година, но по договореното заминување на Сагосен се очекува тој да пристигне во Париз во 2020 година.
За летово е најавен ангажманот на Феран Соле, шпанското крило од екипата на Тулуз, кој се наоѓа пред потпис на тригодишен договор со „светците“ од Париз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА