Раул пред реваншот со Киелце: Тешко ќе ја поправиме катастрофата, нема да ни даваат подароци

Поранешниот предводник на  Вардар и екс-македонски селектор, Раул Гонзалез минува тежок период со неговиот Пари Сен Жермен. Клубот кој одигра речиси беспрекорна сезона во Лигата на шампионите е на работ на елиминација од елитното натпреварување по катастрофално високиот пораз од Киелце на воведниот натпревар од четвртфиналниот двомеч.

„Ја поминав најтешката недела од кога сум во Париз. Не очекував таков резултат во Киелце, знаев дека ќе имаме проблеми. Ова ми е првпат да сум во ваква ситуација, но мора да се бориме до крај. Светлината на крајот од тунелот е многу мала, но ја има. Ништо не го наговестуваше резултатот во Полска. Сите светла ни беа зелени. Претходно го добивме Монпелје со седум гола разлика. Но, таму ништо не се одвиваше според планот. Ниту одбраната ниту нападот не ни беа на ниво. Тоа беше катастрофален натпревар“ – признава искрено Гонзалез во интервју за официјалната клупска страница.

Гонзалес е свесен дека вакавта ситуација многу тешко може да се заврти во корист на неговиот тим.

„Во натпреварот влегуваме само со една идеја. Да го одиграме најдобриот натпревар сезонава. Ако сакаме да имаме шанса за пласман на Ф4 едноставно немаме друга опција. Тие имаа добар состав, Џиндриќ, Душебајев, Агинагалде. Ако им дадеме шанса да бидат на истото ниво како во Полска, ќе немаме никаква можност. Исто така мораме да играме без да ги пребројуваме головите, мора да бидеме најдобри во сите 60 минути“ – смета предводникот на најбогатиот ракометен клуб.

ПСЖ денеска на домашен терен ќе се обиде да ги надмине огромните 10 гола разлика што од Полска ги носи Киелце.

Се вчитува...