Реакција на ФК Шкендија: Зошто Мечкаровски мораше вака да ја заврши кариерата, со криминално досуден пенал?

Од ФК Шкендија веднаш се појавија со реакција по поразот од Пелистер во последното коло од есенскиот дел од шампионатот во Првата македонска фудбалска лига.

Тетовци загубија со 0-1 од Пелистер по пенал досуден во 90. минута за гостите од страна на судијата Димитар Мечкаровски, кој според нив бил апсолутно непостоечки.

„Жално е како еден ден кој требаше да претставува прослава на пензија по успешна 25-годишна кариера на судијата Димитар Мечкаровски се претвори во класичен срам и кражба. Зошто Мечкаровски мораше вака да ја заврши кариерата? Зошто во последните секунди од својата кариера мораше да го извалка своето име донесувајќи ‘криминална’ одлука покажувајќи непостоечки пенал во кој и самите фудбалери на Пелистер не веруваа свесни за театралниот пад на својот фудбалер? Од Мечкаровски најмалку што може да очекуваме е, кога ќе ја прегледа снимката, да излезе во јавноста и да се извини за ‘кражбата’ кон нашиот клуб. Нашата сериозна загриженост е што можеме да очекуваме и во иднина во смисла на организацијата на натпреварите на домашната сцена и судењето. Ако се продолжи со вакви грешки како на мечот Шкендија – Пелистер кога судијата директно влијае на конечниот резултат и доколку федерацијата не се ангажира посериозно за подобрување на овој проблем, можеби ние како клуб ќе мора да ја разгледаме нашата позиција и овој фудбалски проект. Затоа што напредокот на фудбалот во една земја зависи од сите составни компоненти, а спонзорите и клубовите не можат да се движат напред без дел од одговорностите на другите компоненти на фудбалската игра и организаторите на натпреварувањето, како што се федерацијата заедно со делителите на правдата“ – се вели меѓу другото во опшираната реакција од ФК Шкендија.

Се вчитува...