Реал е тим за големи натпревари: „Кралевите“ ја збришаа Барса за место во финалето на Ф4 во Каунас

Реал Мадрид е тимот што ќе му се спротивстави на Олимпијакос во големото финале на фајналфор турнирот во Каунас откако „кралевите“ славеа во вечерашната полуфинална пресметка против Барелона со резултат 78-66. Каталонците важеа за фаворити во пресрет на овој меч, но Реал уште еднаш покажа дека никогаш не смее да биде отпишан, и без помошта на повредените Дек и Поарие и суспендираниот Јабуселе успевајќи да стигне до победата.

Кошаркарското „Ел Класико“ донесе возбудлива кошарка и неколку пресврти, за во завршницата во главна улога да биде искусниот Серхио Родригез, кој со серија поени во последната четвртина помогна Реал да стигне до победата. Првата четвртина донесе израмнета кошарка и заврши со 18-18, десет минути во кои Барса постигна шест тројки и ниту еден погоден шут за два или за еден поен. Во втората четвртина каталонците беа подобар противник, се одлепија на „плус девет“, но Љуљ погоди тројка пред смиот крај на полувремето и на одмор се замина со водство на Барселона од 42-36.

Реал возврати со извонредна низа во третиот период, кога „кралевите“ постигнаа 15 поени во серија и ја презедоа контролата над резултатот. Барса конечно се разбуди, каталонците стигнаа и до израмнување откако Реал се мачеше со реализацијата на стартот од последната четвртина. Тогаш работите во свои раце ги зеде Серхио Родригез, искусниот плејмејкер постигна девет поени во низа и му помогна на Реал да се одлепи резултатски, овојпат предноста задржувајќи ја до самиот крај и конечните 78-66.

Центарот Таварес одигра уште еден неверојатен меч со 20 поени и 15 скокови, Родригез реализираше 12 поени и 5 асистенции, а двоцифрен ефект имаа и Хезоња со 14 и Вилијамс – Гос со десет поени. Абринес со 16 и Лапровитола со 12 поени беа најефикасни во таборот на Барселона, а максимално разочара Миротиќ, со само три постигнати поени и шут од поле 1/10.

Се вчитува...