Реал Мадрид ги намали платите на фудбалерите

Десетина дена откако Барселона објави дека ги намалува платите на фудбалерите, Реал Мадрид реши да го следи примерот на големиот ривал. „Кралевите“ најпрвин самоуверено порачуваа дека клубот не се соочува со опасност за време на прекинот, но откако повторно направија „математика“ увидоа дека е неопходно да дојде до корекции во платите.

Најтрофејниот европски клуб објави дека е постигнат договор со фудбалерите и членовите на стручниот штаб тие да земат 10% помала плата на годишно ниво, од онаа предвидена во договорите за сезоната 2019/2020. Доколку сезоната не биде завршена, ќе следи кратење од дополнителни 10% од приходите на фудбалерите и тренерите во Реал Мадрид. Со оваа одлука, „кралскиот клуб“ во старт штеди 28 милиони евра, сума што двојно би се зголемила ако биде прогласен крај на шампионатот.

„Во овој момент никој не се ни осмелува да дава конкретна прогноза за економскиот удар врз клубот. Се зависи од тоа дали ќе играме повторно или не. Ако не се игра, спонзорите ќе почнат да бараат дел од договорите, а Реал може да загуби и до 150 милиони евра. А таква дупка во буџетот тешко би се пополнила“, наведуваат мадридските медиуми.

Се вчитува...