Реал Мадрид го „мерка“ Артета за наследник на Анчелоти

Флорентино Перез се подготвува за тренерска смена во Реал Мадрид, која нема да се случи во текот на сезонава. Првиот човек на „кралевите“ има преголем респект за Карло Анчелоти за да му даде „шут карта“ среде сезона, но Перез нема да покаже милост на почетокот од летото, кога планира да му се заблагодари на услугите на трофејниот стручњак и на негово место да донесе ново тренерско име.

Зинедин Зидан се споменуваше за можен камбек во Мадрид, во Реал секогаш опција е давањето шанса на клупската легенда Раул Гонзалес, но според последните информации, сега претседателот на Реал Мадрид сериозно ја разгледува опцијата во клубот да го доведе Микел Артета. Шпанецот направи револуција во Арсенал, давајќи шанса на низа млади играчи и сепак успевајќи да се вмеша како најсериозен кандидат за титулата во Премиер-лигата.

Перез го гледа Артета како идеален кандидат за предводник на новата генерација на Реал, по заминувањето на Модриќ и на Крос кое се најавува за летово, но и она на Карим Бензема, најдоцна до јуни 2024 година.

Шпанецот се уште е под договор со Арсенал, но тоа никогаш не го спречувало Флорентино во неговите намери. Прва цел дефинитивно ќе биде да се убеди Артета на преселба во Мадрид, а потоа и да се преговара со Арсенал околу висината на отштетата што ќе им биде исплатена на „топчиите“.

Се вчитува...