Актуелниот европски првак Реал Мадрид се наоѓа во голема криза, но и на крстопат. По отказот за тренерот Хулен Лопетеги, кој не успеа да се наметне и имаше очајни резултати на стартот од сезоната, како привремено решение е поставен Сантијаго Солари, кој работеше со Б-тимот на „кралевите“. Но, јасно е дека набрзо претседателот Флорентино Перез ќе мора да постави нов елитен стратег на клупата.
Плановите му се променија откако Антонио Конте му се заблагодари за понудата, па сега Маурицио Покетино, менаџерот на Тотенхем, е прв ’пик’ на „кралскиот клуб“. Но, и тој има актуелен договор со англискиот премиерлигаш, па нема да му биде лесно на Перез да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“.
Секако, главна мамка се парите, како и предизвикот да се биде тренер на Реал Мадрид. Перез е подготвен да му понуди двојно поголема годишна плата на Покетино, за да се нафати и да седне на клупата на „кралевите“. Тој во Тотенхем заработува 8 милиони фунти годишно, а доколку се сложи да дојде во Мадрид, би заработувал 17 милиони фунти по сезона.
Како за споредба, Пеп Гвардиола во Манчестер сити заработува 20 милиони фунти годишно, а Жозе Мурињо има 12 милиони фунти по сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА