Реал Мадрид подготви 140 милиони евра за Белингем

Европскиот првак Реал Мадрид е апсолутно сериозен во трката по Џуд Белингам, еден од директорите на „кралскиот клуб“ минатата седмица отпатува за Лондон, каде се сретна со таткото на англискиот суперталент, кој воедно е и негов агент. Разговорите се оценети како крајно позитивни, по што „кралевите“ ја подготвиле и понудата што ќе ја испратат до Борусија Дортмунд уште во текот на оваа сезона, во висина од вкупно 140 милиони евра.

Флорентино Перез е свесен дека завршува ерата на Лука Модриќ и на Тони Крос, а првиот човек на Реал сака токму Белингем да биде предводник на новата генерација во средниот ред, заедно со веќе ангажираните Чуамени и Камавинга. За ова да се случи и да не навлезе во летно наддавање со останатите клубови, Перез сака уште сега да го осигура летниот трансфер на 19-годишниот англиски суперталент, нудејќи 100 милиони фиксна сума, плус 40 милиони поврзани со неколку клаузули (од кои половина се лесно остварливи за една до две години).

Британските медиуми тврдат дека Ливерпул е фаворит во трката по Белингем, но „црвените“ лани ја загубија трката по Чуамени од Реал Мадрид, а сега се соочуваат со опасност истото тоа да се повтори и со англискиот фудбалски бисер. Не е тајна дека Клоп е голем фан на Белингем, но клучно ќе биде дали управата на Ливерпул ќе успее да понуди повеќе пари од Реал Мадрид за да постигне договор со Борусија Дортмунд.

Се вчитува...